Експертите предупредуваат: Неправилното чистење може трајно да ја оштети сликата
Дене чистењето на телевизорот не е едноставно како порано. Модерните уреди, особено LED, OLED и QLED моделите, имаат исклучително чувствителни екрани што бараат внимателно одржување. Токму поради тоа, многу корисници несвесно прават грешки што можат да доведат до трајно оштетување на сликата.
Една од најчестите грешки е користењето влажни марамчиња, средства за стакло или домашна хемија. Иако екранот потоа може да изгледа чист, во реалноста доаѓа до постепено оштетување на заштитниот слој. Тој слој има клучна улога бидејќи го намалува отсјајот и го подобрува контрастот, а кога еднаш ќе се оштети – нема поправка.
Зошто влажните марамчиња го уништуваат екранот?
Главниот проблем е во хемикалиите што ги содржат. Алкохолот, амонијакот и сличните супстанции можат да реагираат со површината на екранот и буквално да го уништат заштитниот премаз. Резултатот се матни, бели или таканаречени „млечни“ дамки што не можат да се отстранат.
Освен хемијата, проблем претставува и самата текстура на марамчињата. Тие често не се доволно меки и можат да предизвикаат микроскопски гребнатини. Иако не ги гледате веднаш, со текот на времето стануваат сериозен проблем бидејќи овозможуваат продирање на влага во внатрешноста на уредот, што може да доведе до дефекти или појава на линии на екранот.
Како правилно да го исчистите телевизорот без ризик?
Најбезбедниот начин е користење сува микрофибер крпа. Овој материјал е доволно нежен за да ја отстрани прашината без оштетување на површината. Во повеќето случаи, тоа е сосема доволно за редовно одржување.
Ако има тврдокорни дамки, како отпечатоци од прсти, можете да користите дестилирана вода, но внимателно. Никогаш не прскајте директно на екранот – наместо тоа, лесно навлажнете ја крпата и нежно пребришете ја површината без силен притисок.
Што задолжително треба да избегнувате:
- хартиени бришачи и салфетки
- средства за чистење стакло
- влажни марамчиња
- агресивна хемија од каков било вид
Овие работи можат трајно да го оштетат екранот и значително да го намалат квалитетот на сликата.
Важен совет што многумина го занемаруваат
Пред чистење задолжително исклучете го телевизорот и почекајте целосно да се олади. Кога екранот е топол, влагата може брзо да испари и да остави дополнителни флеки што подоцна тешко се отстрануваат. Исто така, на изгасен екран многу полесно ќе видите каде има нечистотија.
На крајот, важно е да знаете дека производителите најчесто не признаваат гаранција ако оштетувањето настанало поради неправилно чистење. Затоа, една лоша навика може да значи дополнителен трошок и потреба од нов уред.
Затоа, најдоброто решение е едноставно: квалитетна микрофибер крпа и правилна техника на чистење. Со минимален труд, вашиот телевизор може долго да го задржи совршениот квалитет на сликата и да изгледа како нов.
